ГРАДИТЕЛСКИ ЛОЗИ И СЕМЕЈСТВА – ТРЕСОНЧЕ

SHARE

Лозата на семејствата Рензовци и Зографовци

Најпознатиот род на градители, зографи и резбари од селото Тресонче биле семејствата на Рензовци и Зографовци чиешто потекло датира од крајот на ХVII и почетокот на ХVIII век.

Нивната лоза започнала со мајсторот Мирче кој живеел на преминот на двата века. Тој имал син кој се викал Богдан.

ХVIII / I кв

БОГДАН, син на Мирче. Бил зограф. Работел во црквите и џамиите, главно во Цариград. Според преданието, направил портрет на султанот и станал познат и баран мајстор. Бил повластен да носи оружје и имал телохранител Турчин. Имал два сина, Силјан и Стефан.

XVIII / II кв

СИЛЈАН, син на Богдан. Ги изградил конаците на Емин-ага во велешкиот крај каде што се преселил со семејството во селото Папрадиште (Џ5везданово). Градел и во Тракија, Едрене и Цариград. Со него работеле Никола Шикла со своите синови Ангелко од Лазарополе и Тримче од Тресонче. Силјан имал два сина, Јанкул и Стефан.

XVIII / III кв

ЈАНКУЛ (1750) и СТЕФАН (1753), синови на Силјан, ја продолжиле градителската дејност. Тие граделе куќи во Тракија, Серес, Драма, Кавала, Солун, Измир. Изградиле цркви во Солун и една голема црква во Драма. Граделе и други објекти меѓу кои и конаците на Димко-паша од Велес. Јанкул имал синови Дамјан и Цветко, а Стефан синовите Деспот и Доспе.

XVIII / III кв

ДАМЈАН (1770-1830), син на Јанкул. Градел цркви со својата дружина во Битолско, Солунско, Софија, Пловдив, Самоков и други места. Ја започнал изградбата на црквата Св. Богородица во Скопје, а ја завршиле неговите синови Ѓорче, Андреја, Коста и Никола.

XIX / I кв

Браќата ДАМЈАНОВИ развиле жива и плодна активност во Македонија, Србија, Босна и Бугарија. Ѓорче (1804-1880) бил познат како зограф-иконописец, Коста (1815-1870), како мајстор кој одлично ги познавал занаетите на своите браќа им помагал во нивната работа, Никола (1817-1860), како резбар, и Андреја како виден градител кој најмногу се истакнал меѓу своите браќа. Коста ја изградил црквата Св. Тројца во Врање. Никола како член на резбарската тајфа на Петре Филипович-Гарката учествувал во изработката на иконостасот за црквата Св. Богородица во Скопје.

XIX / I кв

АНДРЕЈА ДАМЈАНОВ (с. Папрадиште,1813 – Велес, 1878) Се јавува како најплоден и најпознат македонски градител во ХХХ век. Потекнувал од познатото уметничко семејство Рензовци. Неговата сфера на творештво главно била насочена кон сакралната архитектура, но проектирал и објекти од профаната архитектура.

Негови познати остварувања во Македонија се:

  • 1936 Црквата Св. Јован во Кратово
  • 1840  Црквата Св. Пантелејмон во Велес;
  • 1843  Црквата Св. Никола во Куманово;
  • 1845  Големата црква во манастирот Св. Јоаким Осоговски;
  • 1850  Црквата Успение на Св. Богородица во Штип.

Во обликувањето на овие цркви се забележуваат одредени специфики коишто претставуваат потомок на традиционалниот тек на поствизантиската архитектура во Македонија, карактеристичен за ХVIII и првата половина на XIX век.

Неговото реноме како голем мајстор-градител бргу се раширило и надвор од границите на својата земја. Следувала изградба на цркви во Србија (во Смедерево,1855; Соштествие на Св. Дух во Ниш, 1857-72; во Пирот, 1868, како и две цркви во околината на Лесковац) и во Босна и Херцеговина (Големата православна црква во Сараево, 1863-68: во Мостар, 1873 и Чајниче).

Во овие објекти се следат и почитуваат одредени романтичарски поставки коишто се презентирани низ јасната тенденција за примена на старите архитектонски стилови. Тука се употребени темите од историјата коишто епохата на романтизмот ги барала и нудела како програма на својот историцизам којшто не успеал да влезе во областа на еклектичкото имитирање.

Во Сараево изградил касарни за кои бил посебно одликуван од султанот во Цариград. Освен со градење се занимавал и со живопис. Бил вешт и даровит каменорезец. Она што посебно му дава белег нанеговото творештво е неговата богата имагинација којашто била инспирирана од домашното изворно градителство (работел во тајфата на својот татко кој бил исто така градител) и истата транспонирана во смелите просторни зафати на своите, веќе сосема оригинални дела, од што може без сомневање да се заклучи доминацијата на македонската сакрална архитектура на Балканот.

Синовите на тројцата од четирите браќа Дамјанови, Јаков и Јанко на Ѓорче, Даме и Иван на Андреја, Петар и Наце на Никола ја продолжиле градителската традиција на своите родители. Меѓу нив најмногу се истакнал синот на Андреја – Даме.

Во знак на благодарност кон големиот ерудит во 1989 година беше установена наградата „Андреја Дамјанов“ којашто ја доделува Архитектонската академија на Македонија при Асоцијацијата на архитектите на Македонија за животно дело и посебен придонес во архитектонското творештво во Македонија.

XIX / II кв

ДАМЕ (1847-1921), син на Андреја. Ги изградил црквите Св. Богородица во Велес, Св. Кирил и Методиј во Тетово и црквите во Косовска Митровица, Призрен и Гостивар. Ја започнал, но не ја завршил црквата Св. Константин и Елена во Скопје. Од него е позната иконата Св. Пантелејмон во истоимената црква во Велес, дело на неговиот татко Андреја.

Вториот син на Јанкул, братот на Дамјан, бил Цветко.

XVIII / IV кв

ЦВЕТКО ЈАНКУЛОВ, се отселил од Папрадиште и се населил во Крушево. Неговиот син Станко Цветков (ХГХЛ кв) посветил посебно внимание на својот син Стојан да го воведе во тајните на зографството.

XIX / II кв

СТОЈАН (1849), син на Станко. Бил познат зограф во крушевскиот крај. Работел фрески во црквите Св. Никола и Св. Богородица во Крушево.

Лозата на семејствата Зографовци

XVIII / III кв

ДИЧО (1770), бил најстариот зограф од лозата Зографовци од Тресонче. Дичо имал син Крсте.

XVIII / IV кв

КРСТЕ (1795), син на Дичо, го наследил зографскиот занает од својот татко. Крсте имал син Дичо.

XIX / I кв

ДИЧО ЗОГРАФ (1819-1872), син на Крсте. Во почетокот заедно со својот татко изработувале иконостаси, амвони и друго во црквите низ нашата земја. Подоцна под влијание на зографите од Драма започнал да работи сам и неговата прва работа биле иконите во црквата во Лазарополе. Се смета за еден од најдаровитите и најполодни иконографи. Неговото творештво опфаќа период од 30 години.

Иконите што ги изработил се среќаваат во црквите низ целата наша земја. Освен во Македонија изработувал икони и во Бугарија (Видин, с. Градец– Видинско, Кула, Лом). Дичо имал седум синови од кои синот Аврам го продолжил патот на татка си.

XIX / II кв

АВРАМ ДИЧОВ (1844-1923), син на Дичо, изработувал икони во црквите на с. Бешница и с. Градешница во мариовскиот крај. Работел икони и за црквите во северо-западна Бугарија. Аврам имал четири сина од кои семејната традиција ја продолжил Крсто.

XIX / III кв

КРСТО АВРАМОВ (1866-1939), син на Аврам. Го совладал иконографскиот занает од својот татко. Изработувал икони во Бугарија (видинскиот крај). Починал во Скопје.

Лозата на семејствата Станишеви

XVIII / III кв

СТАНИШ (1751) бил познат мајстор. Од него започнала лозата на Станишеви. Тој се преселил во Крушево околу 1770 година. Се занимавал со градителство, резбарство и иконопис. Имал син Гешо.

XVIII / IV кв

ГЕШО (1776-81) продолжил со активноста на својот татко. Одредено време работел во тајфата на Рензовци-Зографци, а подоцна основал и сопствена тајфа, работејќи главно во пиринскиот дел од Македонија, каде што и починал.

Тој имал три сина, Димитар, Антон и Петар од кои првите двајца ја продолжиле семејната традиција.

XIX / I кв

ДИМИТАР СТАНИШЕВ (1806-1866), син на Гешо, работел цели 30 години во тајфата на Петре Филипович-Гарката каде што го усовршувал резбарскиот занает. Учествувал во изработката на иконостасите за црквите Св. Богородица во Скопје,

Св. Јован Бигорски, Рилскиот манастир и црквата Св. Никола во Крушево. Откога го усовршил занаетот ја напуштил тајфата на својот мајстор и основал сопствена тајфа со која работел низ Македонија, Косово и Бугарија.

XIX / I кв

АНТОН СТАНИШЕВ (1820-1896), син на Гешо, го научил резбарскиот занает од својот постар брат Димитар. Заминал за Бугарија (1864) и таму ја основал резбарската работилница во градот Калофер.

Лозата на семејствата Џонгар

Најстариот познат претставник на ова семејство од Тресонче бил мајсторот Новак (XVIII/IV кв) кој во времето на Емин-ага се преселил во селото Папрадиште. Негов син бил Ѓорги.

XIX / I кв

ЃОРЃИ НОВАК-ЏОНГАР бил син на Новак. Ги изградил црквите во Гњилане, Косово, во Бер, Беломорска Македонија, во селото Папрадиште, црквата Св. Никола во Штип (1867). Во Бугарија ги изградил црквите во Берковица, Лом, Видин, Св. Спас во Софија (1879) и селото Арчар, Видинско (1890). Градел станбени објекти во Серско и Солунско, во Беломорска Македонија, како и во селата Бојане, Долни Богров и Обелија во софискиот крај, Бугарија. Мајсторите од родот Новаковци наречени Џонгар имале плодна активност во старозагорскиот крај, Бугарија.

Лозата на семејствата Ангелкови

XVIII / II кв

АНГЕЛКО, бил најстар познат мајстор од овој род од Тресонче, кој претежно градел објекти во селата низ Македонија. Се преселил во Папрадиште и неговата дејност ја продолжил синот Петар (XVIII/IV кв). Познат мајстор бил синот на Петар, Китан.

XIX / I кв

КИТАН, бил син на Петар. Раководел со тајфа и градел цркви и конаци и во исто време ја совладал вештината на резбарството и зографството. Под негово раководство биле изградени црквите во Бер, Воден, една од црквите во Сер, како и во селата Шеметес, Меглен Ениџе. Го изградил Слепченскиот манастир и ги изработил иконите и резбите. Имал син Андон кој продолжил со градителската дејност.

XIX / II кв

АНДОН, бил син на Китан. Бил мајстор градител и ги изградил црквите Св. Ѓорги во Кочани, Св. Никола во Штип, Св. Атанас во Дојран, Св. Кирил и Методиј во Гевгелија за која ја изработил резбата и иконостасот, црквата во манастирот Св. Пантелејмон во Кочанско, како и уште 20-тина цркви по селата низ Македонија и Бугарија.

Од селото Тресонче потекнувале уште неколку родови мајстори, меѓу кои е родот на Илиевци кој се преселил во Орехово во Бугарија. Најстариот брат Нестор бил градител, а брат му Мирче бил зограф. Оттука потекнувале уште Везенкови кои се преселиле во Крушево, Велјан Огњанов, кој се преселил во Банско каде што ја изградил црквата Св. Троица, браќата Јанче и Вангел Василеви коишто ја обновиле црквата во манастирот Св. Прохор Пчињски, семејството Печаровци и многу други.

Лозата на семејствата Јуруковци

XIX / II кв

ЃОРГИ ВУЧКОВ (1831) бил најстариот мајстор од овој род познат како Вучко. Имал еден син кој го следел патот на својот татко. Се викал Михајло.

XIX / III кв

МИХАЈЛО ЃОРГИЕВ (с. Тресонче, 1856 – Скопје, 1917), бил син на Ѓорги Вучков од семејството Јуруковци. Се оженил за Христина, внуката на Ѓурчин Кокале од Лазарополе. Имал пет деца од кои претпоследното бил синот Јосиф кој подоцна завршил архитектура и станал градоначалник на Скопје. 

Во 1885/86 година се преселил од Тресонче во Скопје. Целиот свој живот го посветил на градежништвото. Бил познат и ценет мајстор. Работел на санации на манастирите и манастирските конаци низ Македонија и Србија. Неговата активност била забележана во Ниш, Гњилане, Нови Пазар и во Сеница. Долго време работел на санациите на црквите и манастирите на Скопска Црна Гора. Во Скопје работел на изградбата на гимназијата и ја изградил сопствената куќа на ул. „Станое Главаш“ („Мирче Ацев“), бр. 41 (урната при пробивањето на бул. „Кочо Рацин“).

Лозата на семејствата Бошковци

XIX / III кв

ДАНИЛО БОШКОВСКИ (1864) бил познат мајстор-зидар кој имал своја тајфа во којашто работеле и неговите синови Марко, Аврам, Дамјан и Стефан. Тој работел во Влашко (Романија), во Будимпешта (Унгарија) и на крај во Белград, каде што изградил повеќе јавни објекти на ул. „Кнез Михајлова“. 

XIX / IV кв

МАРКО (1884-1956) најстариот син на Данило, во 1936 година поради општата економска криза, се вратил во родниот крај и се населил во Гостивар каде што ја продолжил својата градителска дејност. Тој во соработка со браќата Симончеви од Охрид го градел „џадето“ Гостивар — Тетово. Со својата тајфа градел училишта и јавни објекти на „териториите на Гостивар, Кичево, Дебар и Тетово.

XIX / IVкв

АВРАМ (1885-1963) работел во тајфата на својот татко Данило. Бил познат мајстор изведувач и претприемач.

XIX / IV кв

ДАМЈАН (1887-1972) со својот брат Аврам работел цело време во тајфата на татка си. Го совладал градителскиот занает и бил познат мајстор.

XIX / IV кв

СТЕФАН (1889-1967) со своите браќа Аврам и Дамјан во тајфата на таткото Данило, учествувал во изградбата на бројни јавни објекти во градовите низ Романија, во Будимпешта и Белград. Тој учествувал во изградбата на палатата „Албанија“ во Белград.

XX / II кв

РАТКО ПАТЧЕВ (Охрид, 4. Х. 1940) е внук на Марко Данилов и на војводата Методија Патчев. Тој ја продолжил градителската традиција на лозата како воен инж. архитект со чин полковник на АРМ.

XIX / III кв

ПАНДИЛ АВРАМОВСКИ (1877) бил познат собосликар со уметнички изострен усет. Имал фирма „Бојаџија и декоратер од с. Тресонче“ и со својата тајфа активно соработувал со мајсторот Марко Данилов. Имал син Димитар.

XIX / IV кв

ДИМИТАР ПАНДИЛОВ АВРАМОВСКИ (1899-1963) син на Пандил е познат македонски академски сликар. Завршил ликовна академија во Париз.