ГРАДИТЕЛСКИ ЛОЗИ И СЕМЕЈСТВА – ЛАЗАРОПОЛЕ

Мајсторите од ова село претежно се занимавале со зографство. Познати биле семејствата Дулевци (Коловски), Кошевски, Чучковци, Крстевски, како и фамилијата Мажовци. Од Мажовци потекнувале Радул, Јосиф, Јаков и Исаија.

ХIX / III кв

ИСАИЈА МАЖОВСКИ (1858-1926), освен со зографство се занимавал и со градителство. Тој ја изградил црквата во селото Бежаново како и училиштето во селото Угрчин, ловечко во Бугарија, додека неговиот брат Радул се занимавал со резба.

ХVIII / IV кв

КРСТЕ ДЕБРАЛИ (1789) бил познат градител и резбар. Во 1834 година тој ги доградил конаците на Рилскиот манастир и го изградил балконот на северното крило од манастирот. Ја изработил и резбата на таванот каде што го вдлабил и својот потпис.


Петар Христов бил познат градител и резбар. Тој со своите соселани Атанас и Манол ја изградил црквата Св. Тројца во селото Мездрајата, Берковско, Бугарија, а Петар иконостасот на црквата како и крстот со распетието.

ХIX / I-II кв

Познати резбари од ова село биле Наум Дојчиновски (1828-1890) од семејството Чучковци кој работел во Серско и Драмско, Михаил Данков кој работел во Банско, Никола Дарковски кој го изработил иконостасот на црквата Св. Богородица Болничка во Охрид во 1833 година.


Најпознато градителско семејство било Гулибеговски.

ХIX / I-II кв

АВРАМ ГУЛИБЕГОВСКИ бил најстариот познат мајстор кој бил челник и имал тајфа од 70 членови во која биле вклучени мајстори од Битуше, Мелничани и Ростуше. Неговата активност се одвивала во втората половина на Х.Х век. Градел куќи и цркви во Серес и околината и учествувал во изградбата на пругата Солун-Серес. И неговите синови Аврам, Петре и Крсте како мајстори градители работеле во Серес и во Џумаја каде што граделе цркви, објекти за живеење и трговија.

Градителската традиција ја продолжиле Ефто, син на Петре, и Андон, син на Крсто.

ХIX / I-II кв

Од крајот на ХIХ век забележани се имињата на неколку челници коишто со своите тајфи работеле на Балканскиот Полуостров. Тоа биле Раде Дојчиновски, Дуко Ралковски, Тео Башкалиски, Танаско Блажевски, Рафе Перински, Симон Жапчевски и други коишто работеле во Серес и околината. Дејноста на овие мајстори по традиција ја продолжувале нивните синови.

Previous articleГРАДИТЕЛСКИ ЛОЗИ И СЕМЕЈСТВА – ТРЕСОНЧЕ
Next articleГРАДИТЕЛСКИ ЛОЗИ И СЕМЕЈСТВА – ГАРИ