ГРАДИТЕЛСКИ ЛОЗИ И СЕМЕЈСТВА – ОСОЈ

Од ова село потекнувале познати фамилии на резбари и зографи. Познат бил резбарскиот род на Филиповци. Како најстар резбар се споменува Дичо, тој имал син Аврам.

Лозата на семејството Филиповци

ХVIII / IV кв

АВРАМ (1780) бил син на Дичо, познат резбар од овој род. Работел во резбарската тајфа на Петар Филипович-Гарката. Учествувал во изработката на иконостасот во манастирот Св. Јован Бигорски. Аврам имал два сина Васил и Филип.

ХIX / I кв

ВАСИЛ (1812-1903) и ФИЛИП (1814-1900), синови на Аврам, развиле широка резбарска активност во западниот дел на Македонија, во Албанија, Косово и Бугарија.

Изработувале резби не само за иконостаси по црквите, туку и за тавани, врати и долапи по манастирските конаци и беговските куќи. Ним им се припишува резбарското дело во манастирскиот конак на Св. Јован Бигорски.

Друго семејство коешто се занимавало со резбарски и зографски занает било семејството Мирчевци.

Лозата на семејството Мирчевци

Најстариот претходник од родот Мирчевци бил Младен. Младен имал син Деспот. Деспот имал син Мирче.

ХIX / I кв

МИРЧЕ ДЕСПОТОВ (1802-1883) бил познат градител и резбар. Неговата дејност се одвивала во Дебар и во други градови на Македонија. Позначајни дела му биле џамијата во Дебар којашто ја изградил и декорирал и била наречена Мирче-џамиси и касарната во истиот град. Тој со својот татко Деспот Младенов ги изградил Хакипашините конаци во Дебар, како и неколку објекти во Серес. Заедно со мајсторот Алексо Черепнајкоски ги изградил беговските конаци во Дебар. Мирче имал синови Алеско, Гаврил и Коста, од кои Алексо ја продолжил семејната традиција.

ХIX / II кв

АЛЕКСО МИРЧЕВ (1835-1906), син на Мирче, изработувал капители на столбови. Работел во Серско, Дебарско и Софиско. Имал син Нестор.

ХIX / IV кв

НЕСТОР АЛЕКСИЕВ (1878), син на Алексо, го учел резбарскиот занает кај Иван Филипов (од Осој) во Софија. Работел резби за софиската црква Св. Недела, го работел иконостасот за црквата Св. Богородица во Пазарџик, Бугарија. Со својот брат Лазар работеле резби во Солунско и Берско, Беломорска Македонија. Во 1924 година Нестор се вратил во родното село. Тука во својата земја ги изработил иконостасите на црквата Св. Константин и Елена во Скопје, на старата црква Св. Андреј кај Матка, царскиот трон и тронот на владиката во црквата Св. Богородица во Скопје. Тој, потпомогнат од синовите, го изработил и царскиот трон во црквата Св. Димитрија во Битола, како и иконостасот на црквата во манастирот Св. Илија во с. Мирковци на Скопска Црна Гора. Негово дело се и мермерните столбови на иконостасот во црквата Св. Пантелејмон во Нерези, Скопско.

Лозата на семејството Гиновци

ХIX / I кв

СПАС ГИНОВ (1824-1870) бил најстариот резбар од овој род. Имал син Насте.

ХIX / III кв

НАСТЕ СПАСОВ (1856-1936) бил зограф. Тој ги изработил иконите во црквата Св. Спас во Дебар.

Со зографство се занимавале поединци од родот Жиковци, како и Ефтим Иванов, Евстати Димитров, мајсторот Стојче и други.

Друго семејство коешто се занимавало со резбарски и зографски занает било семејството Алексиевци. Од овој род бил познат резбарот Нестор Алексиевски.

ХVIII / IV кв

НЕСТОР АЛЕКСИЕВСКИ со своите синови изработил повеќе иконостаси на црквите. Негови се резбите во црквите Св. Јован во Крушево, Св. Богородица во с. Трново, Битолско, иконостасите во црквата Св. Кирил и Методиј и црквата Св. Петнаесет тивериополски маченици во Струмица и други.

ГРАДИТЕЛСКИ ЛОЗИ И СЕМЕЈСТВА – СЕЛЦЕ

Од ова село бил познат мајсторот Велјан кој градел во почетокот на ХIX век. Тој ги изградил конаците на Махмуд паша од Скадар, Албанија, како и неколку објекти во Охрид. Од неговите ученици посебно се истакнувал мајсторот Кипро од селото Росоки. Од Селце бил познатиот род на зографи од семејството Чибуковци.

Од долнореканските села со градителство се занимавале неколку фамилии од селата Битуше, Велебрдо, Ростуше, Јанче и Долно Косоврасти.

 

Previous articleГРАДИТЕЛСКИ ЛОЗИ И СЕМЕЈСТВА – ТРЕСОНЧЕ
Next articleГРАДИТЕЛСКИ ЛОЗИ И СЕМЕЈСТВА – БИТУШЕ