МАКЕДОНСКИ ГРАДИТЕЛИ ВО ХVIII И ХIХ ВЕК

Во текот на ХVIII и ХIХ век Македонија се јавува како вруток на врвни мајстори на зографскиот, резбарскиот и зидарскиот занает. Најпознат крај од каде што потекнуваат овие мајстори била дебарската околија со областите Голобрдо (во денешна Албанија), Жупа, Река (селата по Радика и Мала Река) и Дримкол во коишто биле опфатени 40 мијачки села. Мијаците во тоа време ја претставувале водечката градителска сила на Балканот чијашто творечка дејност барала далеку пошироки простори на дејствување. Тие своето градителско искуство широко го распространиле надвор од своите граници, а нивните дела во нашата земја, како и во блиското и подалечното соседство сведочат за нивното мајсторство и талент. Мајсторите од овој крај учествувале во изградбата и декорирањето на црквите, џамиите, конаците и куќите за живеење, и со својата богата и плодотворна дејност ја формирале познатата „Дебарска школа“, а нив ги нарекувале Дебрани според градот Дебар кој во тоа време бил центар и познат град на Балканот.

Овие мајстори долго низ вековите се занимавале со архитектура и уметност. Нивното повеќевековно градителско искуство што го предавале од колено на колено постојано се надградувало и усовршувало, така што за совладувањето на тоа искуство биле потребни повеќе години што во суштина претставувало континуирана практична и теориска подготовка без која било невозможно да се стане мајстор. Бидејќи жителите од овој регион својата егзистенција ја обезбедувале со печалбарска работа, а со цел да се постигне висок квалитет на знаења, организирале тајфи според строго утврдени правила. Едно од основните правила било да не може да се вработи во тајфата машко дете ако нема завршено основно училиште. По завршувањето на четвртото одделение, тајфата ги поведувала децата на печалбарската работа каде што, како и при другите занаети, се совладувал занетот од чирак до високо квалификуван мајстор. При тоа тајфата им овозможувала да го изучат градежниот занает што е можно побрзо и истовремено да ја збогатат и прошират својата општа култура. Врз основа на еден ваков приод кон совладувањето на градителските тајни тие всушност биле образовани личности кои често пати вршеле и учителска дејност во одредени средини. Во времето на турското владеење поради својата високопрофесионална дејност тие не само што биле одликувани со ордени и раскошни сабји во знак на признание, туку имале право да поседуваат и личен чувар, како и слободно да се движат низ целата Империја. Нивната градителска дејност била распространета на поширок географски регион кој ги опфаќал просторите од Јадранското море на запад до Анадолија на исток и Египет на југ, односно Југоисточна Европа, Мала Азија и делови од Северна Африка. Кон крајот на ХVIII век под притисок на арнаутските племиња од запад дошло до познатите преселувања на населението од Дебарско при што голем број мајстори се населиле во селата Папрадиште, Ореше, Смилево како и Крушево со што се формирале и други познати градителски школи, како што биле Велешката, Смилевската и Крушевската.

Previous articleГРАДИТЕЛСКИ ЛОЗИ И СЕМЕЈСТВА – ГАЛИЧНИК
Next articleПредговор