НАДВОРЕШНИ ГРАДИТЕЛИ, 1918 – 1944

Тука се претставени 32 имиња на творци коишто живееле надвор од Македонија, но кои со своите дела оставиле видливи траги во нашата земја. Меѓу бројните реномирани архитекти тука се застапени и тројца скулптори, како и еден декоративен сликар, сите со светски глас. Тоа се Антун Аугустинчиќ (33) со коњаничките фигури на камениот мост во Скопје, Долинар Лојзе (38) со споменикот на паднатите ученици-борци, 1912-1918, Иван Мештровиќ (49) со лунетата на куќата на Петар Мачкиќ во Битола во која релјефно ја претставил „Девојката со гитара“, како и Карло Лука Фердинандо Инкиостри (41) кој ја изработил декорацијата на ентериерот на тогашната Банска управа, денешното Собрание на Република Македонија.

Во творештвото на архитектите од овој период се чувствуваат влијанија од повеќе историски стилови коишто произлегле како од личниот став на авторите, така и од влијанијата на средината во којашто живееле и создавале. Еден број од нив коишто живееле во Белград биле вработени во државните институции што биле задолжени за изградбата на капиталните објекти го државата. На нив како на реномирани архитекти им се овозможило да ги проектираат најмаркантните објекти во Скопје, како што се Офицерскиот дом во стилот на рускиот академизам од Вилјем Баумгартнер (34), Народниот театар во стилот на барокот кој го довршил Е. Бронштејн (35), Железничката станица од Велимир Гавриловиќ (37) и Банската управа (денешното Републичко собрание) од Викотор Худак (55), и двата објекти во интернационален стил, како и Банката во духот на модерната од Богдан Несторовиќ (51).

Меѓу истакнатите имиња од Белград биле и проф. Милан Злоковиќ (39) со Палатата на трговско-индустриската комора, проф. Бранислав Коиќ (43) со повеќе свои школски и здравствени објекти, проф. Петар и Бранко Крстиќ (45) со индивидуалната семејна куќа на д-р Петар здравев, сите проектирани во духот на модерната. Од се уште зачуваните објекти во барокниот стил во Скопје треба да се забележат Палатата на Ристиќ од Драгутин Маслаќ (50), како и индивидуалната семејна куќа на Михаил Шкаперда од Георге Симота (53). Во оваа група архитекти се јавува и Момир Коруновиќ (44) којшто во своите објекти настојувал да примени елементи од српската средновековна архитектура. Во областа на урбанистичкото проектирање значајно е името на Димитрие Т. Леко (47) којшто го изработил Генералниот урбанистички план на градот Скопје во 1914 година.

Другите градители во ова поглавје се застапени со по еден до три евидентирани проекти за индивидуални семејни куќи меѓу кои арх. Милан Николиќ (52) се појавува со 64 проекти. Врз основа на времето во кое граделе (1926-1937) во нивните објекти главно е присутен стилот на модерната. Во оваа група се застапени Николај Краснов (42) со Палатата на правдата (нереализиран проект) и Димитрие М. Леко (46) со повеќе свои објекти, меѓу кои и Основното училиште во Прилеп.

Previous articleГРАДИТЕЛСКИ ЛОЗИ И СЕМЕЈСТВА – СМИЛЕВО
Next articleАНТУН АУГУСТИНЧИЌ