Предговор

Кога пристигнал во еден малку пооддалечен град веднаш бил како опоен од мирисот и чистотата на воздухот, така и восхитен од глетката што ненадејно му се појавила. Улиците блескотеле од светлина, а тротоарите со своите цветни мозаици го збогатувале нивниот свечен изглед и наместо дрвореди што го закриваат лицето на зградите се протегале дрвени перголи со бујно зеленило и мермерни корита преполни со цвеќе, излозите со својата разноликост биле како свечено осветлени, а зградите се нижеле во совршена хармонија со широки прозорци и релјефна игра на фасадните зидови чијашто композиција оставала впечаток на вистинска просторна уметничка слика, бројните мали плоштади како свечени портали на улиците што се гледале во нив биле исполнети со скулптури, водоскоци и фонтани како и со изобилство на трепкаво-светлечки реклами што го играле својот незапирлив валс – надополнет со тиха и милозвучна музика што се разлевала во околниот амбиент.

Му одлетала мислата на величествените уметнички дострели во земјите од стариот век каде што општествената поставеност на архитектот била највисоко ценета и претпоставил дека таткото на овој град најверојатно е архитект или човек обиколен од архитекти што со својот изострен осет за убавина можеле толку многу да го облагородат просторот.

Забележал дека нема бучава, онаа што во градовите го нарушува мирот и спокојството, се одвивал бесшумен сообраќај. Луѓето како да имале некаков среќен израз од чии лица избивала блага насмевка и ведрина, си помислил како да се сите едно семејство смирено и задоволно се движеле по тротоарите, туѓо им било брзањето и како некакви разиграни цветови го надополнувале градскиот амбиент. Видел како една стогодишна жена полека се струполила на тротоарот, веројатно како последица од моментална слабост, неколкумина најблиски минувачи веднаш ја кренале и ја внеле во најблиската просторија и додека се доближил до неа, медицински персонал веќе и давал помош!

Непоколебливо заклучил дека грижата за човекот во овој град, сепак е ставена во средиштето на сите свои дејности. Бил особено пленет како од однесувањето на луѓето, така и од околината што го опкружувала. Сето тоа му создавало некаков мир во душата и се чувствувал како да се наоѓа во некаков поинаков свет – свет што се разликува од оној во кој живеел тој, и во еден момент си го поставил прашањето: „Зошто и светот на мојот град не е таков како што е овој?“.

Цивилизираниот од на севкупниот човеков прогрес е во најтесна врска со градот. Градот е огледало што го одразува цивилизациското и културното ниво на еден народ.  Верувам дека многумина наши граѓани си го поставиле прашањето кои се тие творци и градители на севкупната материјална култура што не опкружува? Чија е инвенцијата и чии се тиешто го создале тоа богатство? Кои се тие ерудити што го осмислиле просторот со своите објекти, улици, тротоари, паркови, фонтани, скулптури, натписи, реклами, мостови…?

Верувам исто така, дека на тоа прашање, граѓанинот за миг ќе почувствува некаков вакуум оставен сам да одгатнува или да претпоставува. Како рефлексија на оваа состојба ќе се јави чувство на неизвесност и немоќ. Можете ли да претпоставите кога читате книга чијашто содржина ви го држи духот во една активна состојба, кога слушате музика и уживате во нејзината мелодичност, кога сте исправени пред уметничка слика и се одушевувате од мајсторството на творецот, кога гледате скулптура со која воспоставувате меѓусебен дијалог, а да не го знаете авторот на книгата, на музичкото дело, на сликарот, на скулпторот? Сигурно не! Тоа е токму она што и го дава белегот на цивилизираната личност, на граѓанинот.

Можете да замислите да живеете во своја семејна куќа или во стан на некој станбен објект, а да не го знаете авторот? Сигурно, не! Но, од вашата семејна куќа постојат и други поубави, од вашиот постојат и други станови пофунционални, похигиенични, подобро уредени, и вие не само заради љубопитност, туку и поради тоа што сте составен дел на една заедница, на едно цивилизирано општество, пројавувате интерес да ги знаете авторите и на другите објекти, не само од љубов кон вашите роднини, пријатели, познаници, туку и поради вашата општа култура и комплексноста на вашата личност.

Скопје, Битола, Велес, Охрид, Куманово, Тетово, Штип… градови на нашите претци, сегашни наши, и градови на нашите поколенија. Што знае нашиот граѓанин за нив? Колкави се неговите знаења за историјата на својот град, за објектите што го опкружуваат? Тоа најдобро ќе се илустрира ако се упати прашање на некој граѓанин да одговори што знае за сопствената куќа наследена од неговите претци, или за околните куќи – ретко, сосема ретко некој знае нешто, а во најголем број случаи ќе се добие делумен или целосно негативен одговор. Ако пак пројавите интерес за црковната архитектура, тука состојбата е нешто поинаква, ако не добиете одговор на прашањето кога е изградена и кој е градителот – тогаш барем ќе знаат да ви го кажат името на црквата! А, за профаната архитектура? – молкот и неизвесноста се главна одлика.

Поради ова бев поттикнат таа голема празнина за нашето најбогато материјално богатство – архитектурата, да ја надополнам колку што можам повеќе, да ја расветлам и изнесам не само за нашиот градителски сталеж, туку и за целокупната македонска јавност. Патот на истражувањето, како и секој истражувачки потфат, беше напорен, долг и неизвесен. Времетраењето на ангажираноста се доближи до две години, со работа од по 14 часа во просек дневно, а интелектуалната ангажираност, речиси 24 часа во деноноќието! Треба да признам дека во истражувачката дејност на оваа материја, а претпоставувам дека тоа е така и со истражувачките работи и на другите научни дисциплини, покрај вложениот труд, строгата систематичност, користењето на телефонските и поштенски услуги, личните интервјуа… во одредени периоди бев принуден да одигрувам и ролји на детектив, да пројавувам љубопитство (за што сум најмалку скроен) и итрина – се со крајна цел да се доберам до бараниот податок. А што се однесува до снимањето на фотографиите за оваа книга, посебно за „стратешките објекти“ се одлучив да го избегнам коментарот, но резултатот е 1.224 фотографии во боја од кои во првиот дел од книгата се застапени само 271.

Читателот ќе забележи дека материјата што е опфатена тука во најголем дел е посветена на Скопје и дека за другите градови на Македонија таа е застапена во далеку помал обем. Сметам дека тоа не треба да се сфати како тенденциозен, дискриминаторски однос, туку како реалност. За илустрација ќе наведам пример дека и кога треба да се пишува за свој современик којшто е починат, дури и кој лично сте го познавале – тешко ќе успеете да соберете доволно податоци: ниту во претпријатието каде што работел, ниту од неговото семејство или од најблиските роднини ќе можете да ги добиете потребните информации за комплетното расветлување на неговиот лик! Што останува за оние починати градители пред повеќе години, за оние градители што работеле во периодот меѓу двете светски војни и пред тоа? Токму овој нерасветлен период во кој твореле плејада на талентирани, способни и образовани градители кај нас, останал завиткан во неизвесност и темнина. На ова поле и покрај моето макотрпно иследување и поминати стотици саати во нашите архиви, библиотеки, испрашувања на колеги и постари лица ми се јавија и најголемите проблеми. Постоеја множество случаи кога ќе пронајдев некое ново име на градител и тоа само со еден свој проект, а истовремено недостасуваа какви и да било други податоци. Честопати помошта ја наоѓав во енциклопедиите, но поголемиот број од тие градители не беа застапени во нив. Се случуваше да пронајдам градител чие име беше обележано само со една буква и цело презиме, така што во книгата може да се сретнат и такви случаи. По пат на разгледување на друга стручна литература со метод на споредба на творештвото и времето на живеење, се случуваше за некои од нив да се открие вистинското име од иницијалот. Од мојата истражувачка одисеја од повеќето случаи ќе наведам само еден.

За покојниот архитект Лудјек Кубеш (1913-1996) ми недостасуваше неговата фотографија. Барав насекаде, но од никаде не добив позитивен одговор. Свесен дека беше починат пред 3 години, јас сепак побарав од службата за информации да ми го дадат телефонскиот број на Кубеш не споменувајќи го неговото име. Го направив тоа повеќе несвесно, надевајќи се дека се уште му постои телефонскиот број и дека некој нешто може да ми помогне. Од службата за информации го добив бројот на кој што веднаш се јавив и добив одговор: „Да, јас сум Кубеш, Јан Кубеш“, со што веднаш ми стана но дека се работи за неговиот син. Така проблемот беше успешно решен! Ваквите случаи бројни, но за сите нив требаше да се крои посебен план. Најтешко се чувствував кога и по неколку испратени писма на точно упатени адреси (пак „детективски“ дознаени) не добивав слговор, а знаев дека писмата се примени. Но, и тука требаше да применувам и изнаоѓам методи за успешно решение на проблемот.

Пишувајќи го поглавјето „Индивидуалното домување во повеќесемејните станбени објекти“ за јубилејната монографија по повод одбележувањето на 50. годишнината од формирањето на техничкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, бев принуден да се сретнам со повеќе мои постари колеги-архитекти од кои требаше да ги добијам потребните податоци и проекти за некои нивни изведени станбени објекти. Тогаш, сосема несвесно и без никаков претходен план, ми се роди идејата дека е последниот момент да се претстави творештвото на оваа повоена генерација којашто во најголемиот дел беше школувана во Белград. Се почувствував одговорен бидејќи се најдов точно на границата помеѓу оваа и првата генерација од скопската архитектонска школа, чијшто припадник бев и јас. Си помислив, ако некој некогаш сака да пишува за скопските генерации тоа ќе му биде полесно, бидејќи сите потребни податоци ќе му бидат лесно пристапни. А што се однесува за претходницата на скопската генерација, случајот што веќе го изнесов е сосема поинаков!

Така отпочна мојата „одисеја“. Во прв момент помислив дека нема да постојат некои посебни проблеми – „тоа се околу 30-тина архитекти за кои бргу ќе го обработам материјалот“. Како што течеше времето тие никнуваа еден по еден и бројот постојано се зголемуваше. Најпосле кога ги средив сите (излегоа 66 имиња) се „навратив“ малку наназад за да се воспостави природната врска меѓу нив и нивната претходна – постара генерација. Но, во името на континуитетот требаше да се впуштам уште подлабоко во времето, така што стигнав до генерацијата што творела меѓу двете светски војни. Сепак и тоа не беше доволно, требаше напомош да ги „повикам“ историчарите, па барем да ги споменам оние наши градители од ХIХ век што граделе го еден поширок регион. Раскажувајќи и ја оваа „приказна“ на една помлада колешка, таа ми рече: „Професоре, внимавајте да не стигнете до времето на античките Македонци!“.

Градителите во оваа книга се поделени во шест поглавја според времето на творештвото и местото на нивното живеење.

  1. Во првото поглавје се опфатени мајсторите-градители од крајот на ХVIII век, кои како прочуени мајстори со свои тајфи граделе освен во Македонија (тогаш обединета под турско владеење) и во другите балкански држави. Ова го направив со цел материјата да добие една целосност за која читателот ќе успее да си создаде една комплетна претстава за градителството на нашава почва. Во оваа група е застапен и најпознатиот македонски градител – мајсторот Андреја Дамјанов (1813-1878). Тука покрај материјалите од бугарски и српски автори (приведени го библиографијата) ги користев и материјалите од трудовите „Дебарските куќи од ХIХ век“ од академик проф. Крум Томовски, „Македонските градители, градителските школи и нивната улога во создавањето на новата архитектонска естетика во преродбенската сакрална архитектура“ од доцент д-р Јасмина Хаџиева-Алексиевска и „Мијачкото станбено градителство – потекло, развој и дострели“ од м-р Меланија Шерденковска, како и од други наши автори при што истите ги синтетизирав во една збиена форма приспособена на материјата што се обработува во оваа книга.
  2. Во второто поглавје се опфатени имињата на градителите кои живееле надвор од границите на Македонија, а граделе објекти кај нас до 1941 година. Во оваа група е застапено 32 имиња, меѓу кои и творците на офицерскиот дом, народната банка, театарот, градската болница, железничката станица, сите во Скопје.
  3. Во третото поглавје се застапени градителите кои живееле во Македонија меѓу двете светски војни и граделе објекти до 1941 година. Тука се опфатени 51 име од кои најголемиот процент биле градежни инженери што се занимавале со проектирање, претежно на индивидуални семејни куќи, додека процентот на застапеност на архитектите бил сосема мал.
  4. Во четвртото поглавје, што опфаќа само 10 имиња, се застапени архитектите кои не живееле во Македонија, а проектирале и граделе објекти во нашата земја по завршувањето на Втората светска војна. Тоа е групата на исклучително реномирани архитекти од просторите на поранешната СФР Југославија.
  5. Во петтото поглавје се застапени 66 имиња, главно, архитектите коишто во огромно мнозинство живееле и работеле во Скопје и интензивно граделе во периодот од ослободувањето на земјата (1944) некаде до крајот на 80-тите години од ХХ век.

Всушност, тоа е генерацијата којашто го презеде главниот товар во изградбата на нашата земја чиишто градови и села претрпеа големи разурнувања во војната. Тие беа градителите што требаше да проектираат од станбени до индустриски објекти. Тоа е генерацијата којашто во најголем дел ги завршила студиите на архитектонските факултети во Белград и во доста помал процент во Загреб. Дојдени од клупа, но секако добро теориски подготвени, се судрија со многу сериозни проблеми во реализацијата на идеите, односно во материјализацијата на идејните и главни проекти. Тоа е период во кој интензивно се градеше, но и фаза во која се стекнуваше пракса што со успех ќе се пренесува на помладите генерации. Тоа се пионерите на изградбата и реализацијата на првиот Петгодишен план за изградба, електрификација и индустријализација на земјата. Тоа е генерација кон која ќе се приклучат првите генерации архитекти од скопскиот Архитектонски факултет и ќе продолжат заеднички да работат. Тоа е среќна генерација што твореше и создаваше прекрасни архитектонски дела, но и несреќна што остана анонимна, и што малкумина знаат за таа плејада на талентирани и вредни архитекти.

Чепкањето во душите на луѓето од коишто сакате да дознаете нешто за минатото на лицата со кои тие биле во блиски односи, пријателство или познанство е неблагодарна работа. Се чувствувате непријатно, па дури и виновно, но длабоко верувајќи дека сето тоа што го правите е со благородна намера што ви дава поттик да опстоите во нејзината реализација. Во овој контекст ја чувствувам потребата да напоменам дека одреден број на мои постари и почитувани колеги ми помогнаа во расветлувањето на некои недоволно присутни информации како за самите автори, така и за нивните дела, за што посебно им ја изразувам својата благодарност. Во оваа насока посебна благодарност им изразувам на колегите архитекти Александар Серафимовски, Драган Томовски и Љубе Пота.

На крајот би сакал почитуваниот читател да ми дозволи уште еднаш да го подвлечам значењето на ова истражување чијашто цел не се однесува само на пополнување на празнината на едно културно подрачје што опфаќа еден временски период подолг од век и половина, туку тоа е повеќе насочено кон нашиот граѓанин со единствената и благородна намера да го осознае сопствениот идентитет што тој целосно и со респект го заслужува.

  1. Во последното шесто поглавје, под наслов „Додаток“ се дадени корисни информации за дејноста на научно-образовните институциите, за градежните и проектантски претпријатија, за Заводот за станбено комунално стопанисување, како и за заводите за урбанизам проследени со ликовите на нивните водечки личности. Тука се претставени досегашните, како и актуелните главни архитекти на градовите во Македонија заклучно со 2000. година.
Previous articleМАКЕДОНСКИ ГРАДИТЕЛИ ВО ХVIII И ХIХ ВЕК
Next articleГРАДИТЕЛСКИ ЛОЗИ И СЕМЕЈСТВА – ТРЕСОНЧЕ